Економија Богов: Кризата ќе ги зголеми каматните стапки на кредитите

Богов: Кризата ќе ги зголеми каматните стапки на кредитите

„Народната банка нема да биде во функција на поддршка на економските политики и тоа ќе биде една загуба. Ќе недостига тој дел за економскиот пораст. Ние би почнале со затегање, а тоа затегање ќе значи зголемување на каматните стапки и за бизнисите и за граѓаните кои имаат земено кредити – изјави гувернерот Димитар Богов на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Богов гарантира дека ценовната стабилност и курсот на денарот во однос на еврото ќе бидат задржани. Но, негативното влијание на политичката криза би се почувствувало во одложување на инвестиците, како на домашните, така и на странските компании, што ќе оневозможи нови работни места и пораст на платите.

– Претпријатијата го намалуваат своето производство, се намалуваат и нивните приходи и со тоа се намалува нивната можност за враќање на кредитите, бидејќи сите тие работат со кредити. Потоа тие негативни ефекти би се пренеле и на банкарскиот сектор. Со зголемување на лошите кредити и со сите импликации, банките повторно ќе станат рестриктивни во поддршката на претпријатијата и на граѓаните – истакна Богов.

Дали кризата влијае врз економијата, ќе се знае во јуни или јули, кога ќе се добијат податоците за движењата во економијата во април и во мај.