Економија Бизнис-форум во Шведска на кој учествуваат 80 претставници од Македонија

Бизнис-форум во Шведска на кој учествуваат 80 претставници од Македонија

Повеќе од 80 претставници од јавниот и од приватниот сектор од Македонија и од Шведска учествуваат на бизнис-форумот што почнува денеска во Стокхолм, во организација на „Македонија 2025“ и на Амбасадата на Македонија во Шведска. Главната тема за дискусија на форумот е производството на енергија од обновливи извори.

Шведска е лидер во светот по одржлив развој, а Македонија има големи потенцијали кои треба ефикасно да се искористат. Ќе се презентираат стратегии за развој на т.н. паметни градови и индустрии за управување на отпад, како и можности за соработка помеѓу Македонија и Шведска.

„Нашата цел е да придонесеме за поголемо вклучување на Македонија во европската економија, како и за пренесувањето на најдобрите практики за одржлив развој кои Македонија може да ги имплементира“, рече, меѓу другото, Џон Битов, коосновач на „Македонија 2025“ и успешен претприемач од Канада со македонско потекло.

Тој заедно со амбасадорката на Македонија во Шведска, Александра Наќева-Ружин, и со Ана Гислер, извршна директорка на Агенцијата „Инвест Стокхолм“, го отвори форумот.

Организацијата „Македонија 2025“ работи на поврзување на македонски професионалци кои живеат низ Европа и светот, како и промовирање на потенцијалите за инвестиции во Македонија. Претходните настани од ваков карактер се одржаа во Париз, Виена, Торонто, Колумбус, Чикаго и во други светски метрополи.