Дописници Битолскиот суд доставува покани за распит на осомничените во „Транспортер“

Битолскиот суд доставува покани за распит на осомничените во „Транспортер“

Судскиот курир од Основниот суд во Битола денеска доставувал покани до дел од осомничените во случајот „Транспортер“ што Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го отвори против градоначалникот Владимир Талески и уште 22 осомничени.

Засега е неизвесно дали постапката ќе се води пред битолскиот суд или, пак, надлежен за случајот ќе биде скопскиот кривичен суд. Од судот негираат дека веќе било одлучено судската постапка да се води во Битола.

Портпаролката на судот во Битола, судијката Милка Бизевска, за „Мета“ потврди дека судската курирска служба само ги доставува поканите до осомничените во случајот „Транспортер“.

– Нашата курирска служба ги доставува поканите за потребите на СЈО за случајот „Транспортер“ – рече судијата Бизевска.

Според наши извори, судскиот курир денеска ги барал директорите на училиштата, актуелни и поранешни, на нивните работни места.

Специјалното јавно обвинителство минатата недела отвори истражна постапка против 22 лица за злоупотреба на средства од автобускиот превоз за ученици во градот.

За 11 од осомничените СЈО бара од судот да им биде одредена најстрога мерка за обезбедување присуство – притвор.