Подглавна секција Бил Клинтон закрепнува од инфекција во болница во Калифорнија

Бил Клинтон закрепнува од инфекција во болница во Калифорнија

Фото:Hayden Schiff from Cincinnati, USA, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон закрепнува по дводневниот третман на инфекција во болница во Калифорнија, соопштија неговите лекари во четвртокот.

75-годишниот Клинтон беше примен во Медицинскиот центар Ирвин на Универзитетот во Калифорнија во вторникот вечерта „поради инфекција која не е ковид-19“, објави портпаролот на Клинтон, Ангел Урена на Твитер.

„Тој закрепнува, во добро расположение е и неверојатно е благодарен на лекарите, медицинските сестри и персоналот што му пружаат одлична нега“, напиша Урена. Портпаролот додаде за Ројтерс: „Станува, се шегува и го шармира болничкиот персонал“.

Клинтон отишол во болница откако се уморил и му била дијагностицирана инфекција на крвотокот за која лекарите веруваат дека започнала како инфекција на уринарниот тракт, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неговите лекари.

Лекарите на поранешниот претседател, Алпеш Амин и Лиза Бардак, рекоа дека тој „бил примен во болница за внимателно следење и добива 4 антибиотици и течности“.

„Тој останува во болница за континуирано следење. По дводневниот третман, бројот на бели крвни клетки опаѓа и тој добро реагира на антибиотиците“ се вели во соопштението. Тие додаваат: „Се надеваме дека наскоро ќе го пуштиме дома“.

Си-Ен-Ен објави дека тековниот престој на Клинтон во болница не е поврзан со неговите проблеми со срцето.

Демократот Клинтон беше претседател на САД од 1993 до 2001 година. Тој е оженет со Хилари Клинтон, која беше кандидатка на Демократската партија за претседателските избори во САД во 2016 година, на кои беше поразена од републиканецот Доналд Трамп.