Свет Европа Берлин и Москва мора да ги подобрат односите, порача Штајнмаер на средбата...

Берлин и Москва мора да ги подобрат односите, порача Штајнмаер на средбата со Путин

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер на денешната средба со претседателот на Русија, Владимир Путин, во Москва, изјави дека е незадоволен од односите меѓу Москва и Берлин и дека двете страни треба да работат на нивно унапредување, јавуваат светските агенции.

– Сметам дека е неопходно ние, како претседатели, да го продолжиме дијалогот и да се обидеме да утврдиме на кој начин можеме да ги подобриме односите меѓу двете земји, со кои во моментот не можеме да бидеме задоволни. Уверен сум дека мораме да ѝ се спротивставиме на отуѓеноста која се зголеми меѓу нашите земји во последните години и да го направиме тоа за да можеме да го продолжиме дијалогот и долгорочните обиди на двете страни за пронаоѓање решенија во кризите – изјави Штајнмаер.

Инаку, ова е прва посета на претседател на Германија на Русија од 2010 година. Односите меѓу двете држави станаа напнати по анексијата на Крим во 2014 година и прорурските сепаратистички активности во Источна Украина.