Подглавна секција Бербок директно побара од Лавров Москва да стави крај на војната

Бербок директно побара од Лавров Москва да стави крај на војната

Ако се грижите за човечките животи, ако се грижите за сопствениот народ, руските деца и младите луѓе, мора веднаш да ја прекинете оваа војна, германската министерка за надворешни работи во Рио де Жанеиро, свртена кон Лавров

Фото: Bernd von Jutrczenka/dpa

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок директно му се обрати на својот руски колега Сергеј Лавров на состанокот на Г-20, барајќи да престане војната во Украина, пренесе германската новинска агенција ДПА.

„Ако се грижите за човечките животи, ако се грижите за сопствениот народ, руските деца и младите луѓе, мора веднаш да ја прекинете оваа војна“, рече Бербок во средата во Рио де Жанеиро, свртена кон Лавров.

„Ако Русија сега стави крај на оваа војна, утре ќе се отвори патот кон мирот и правдата“, додаде германската министерка.

На состанокот на водечките економски сили Лавров седна меѓу саудискиот министер, принцот Фајсал бин Фархан Сауд и мексиканската министерка Алиша Барцена Ибара.

„Ако сакаме да изградиме „праведен свет“, мора заедно да ги решаваме војните и кризите. Одлучно, со почит и подготвеност да ги преиспитаме нашите позиции“, рече Бербок, обраќајќи им се на другите учесници на состанокот.

Таа рече дека ги почитува различните ставови за војната во Украина, но додаде и дека земја оддалечена 10.000 километри од Киев поинаку ја перципира безбедносната закана од европските земји.

Сепак, „руската агресија е повеќе од регионален конфликт“, рече Бербок.

„Руската агресија „бара од сите нас да ги заштитиме, одлучно да ги браниме основните принципи – Повелбата на Обединетите нации, меѓународното право и човековите права. Овие принципи ги штитат сите држави, без разлика колку се големи или мали“.

Покрај Германија, Франција и САД, во Г20 групата се и Русија и Кина. Групата претставува околу четири петини од глобалната економија и 60 отсто од населението на планетата. Во моментов, со Г20 претседава Бразил.