Економија Беџети: Расправата за буџетот е само еден лош театар

Беџети: Расправата за буџетот е само еден лош театар

Денеска е во тек третата собраниска расправа за дополнителниот предлог-буџет, на која пратениците меѓу себе се расправаат за тоа што направила власта, а што опозицијата, а најмалку дебатираат за ставките во буџетот што ги засегаат граѓаните и од кои зависи економскиот просперитет на државата.

Пратениците од собраниските говорници признаа дека јавноста е сведок на лош театар. Опозицијата ја обвинува власта дека премиерот Никола Груевски ги осиромашува граѓаните, на сметка на неговото богатење. Власта, пак, прави споредби што направил СДСМ во свое време, а што направиле тие.

Професорот и поранешен министер за економија, Абдулменаф Беџети, вели дека не ја следи расправата за буџетот заради професионални обврски, но и, како што вели, „што ново ќе кажат“ пратениците.

– На работа сум и не можам да ја следам расправата. Но, што ново ќе добиеме како информација. Секоја година е исто и ова што таму се случува не е првпат. Сè е само еден лош театар – изјави Беџети.

Расправата за дополнителниот предлог-буџет може да трае најмногу пет дена, по што пратениците ќе гласаат.

Опозицијата кажа дека нема да даде поддршка бидјеќи, според нејзините пратеници, буџетот е расипнички, недомаќински, нереален и неразвоен.

Власта, пак, смета дека со тоа што СДСМ нема да гласа за буџетот, е против изградба на фабрики, против намалување на невработеноста, против проекти на Владата за вработувања, против зголемување пензии и социјални надоместоци.