Македонија Балканот викендов интензивно се тресеше

Балканот викендов интензивно се тресеше

Земјотресите од саботата и од неделата што се почувствуваа во Македонија, синоќа и утрово беа дополнети со уште по еден потрес.

Земјотрес со магнитуда од 2,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран во Скопје синоќа во 21.10 часот. Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека епицентрите на земјотресите биле во скопското епицентрално подрачје, а се почувствувани во Скопје и во околината со интензитет од 4 степени според Европската макросеизмичка скала.

Сè почна со силниот земјотрес што се почувствува во Западна Македонија во саботата попладне, чиј епицентар бил на околу 50 километри северно од Тирана, а нему му претходеле низа земјотреси во Егејското Море, во Грција и во Турција. Потоа во овие две земји, како и во Албанија, се случиле уште неколку потреси, но со помал интензитет, се дознава од веб-страницата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Земјотресите вчера се случувале главно во Турција и во Егејското Море, но силно почувствуван во Јужна Македонија во 7.40 часот беше земјотресот на границата со Грција.

Во текот на вчерашниот ден, од попладнето, до денеска претпладне, повторно имаше земјотреси, триесетина на број, во Турција, Грција и во Албанија, но со помал интензитет.