Македонија АВМУ: „ТВ Нова“ не известувала професионално за настаните во Собрание на 27...

АВМУ: „ТВ Нова“ не известувала професионално за настаните во Собрание на 27 април

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги извршила вонреден надзор врз програмата на „Телевизија Нова“ емитувана на 27 април 2017 година за време на насилниот упад на група граѓани во Собранието, при што повредени беа неколку пратеници.

Со надзорот е констатирано дека при известувањето за случувањата во Собранието, не се почитувани професионалните начела за вршење на дејноста.

„Телевизијата не обезбедува објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислење на публиката за одделни настани и прашања. Настаните ги прикажува доминантно низ призмата на едно гледиште кое им сугерира на гледачите преку зборовите на водителката, ставовите на гостите и телопите. Водителките воопшто не реагираат на коментарите од гостите со навредлива содржина и со елементи на дискриминација и стереотипизација“, се вели во извештајот.

Во согласност со својата надлежност, АВМУ до „ТВ Нова“ упатила писмено укажување за забелешките и за наодите од надзорот.