Македонија Медиумска опсерваторија Асоцијацијата на приватни електронски медиуми е против промената на членот 102 од...

Асоцијацијата на приватни електронски медиуми е против промената на членот 102 од Законот за ААВМУ

Фото: Арбнора Мемети

Членките на Асоцијацијата на приватни електронски медиуми (АПЕММ) сметаат дека директна помош на медиумите, без натпревар и без контрола и правила за дистрибуција на финансии, ќе значат дисторзија на пазарот, па според тоа тие не ја одобруваат промената на членот 102 од Законот за АВМУ.

„Единствената можна отстапка од пропишаното со законот во чл.102, е само доколку се дефинираат строги правила на дистрибуција, преку натпревар, дефинирани цени и достапност на сите медиуми до ваквите кампањи. При тоа, мора да постои одредено тело, кое што ќе го гарантира јавниот интерес од вакви кампањи, а намената на овие спотови да биде тематска, како што е на пример вакцинација од ковид-19, едукација за попис и сл,“ се вели во соопштението.

АПЕММ до Владата доставиле предлог-проект за основање на фонд за медиуми, што го опфаќа и прашањето на кампањи од јавен интерес, преку промоција на спотови од јавен интерес, како и обезбедување на транспарентност на општините и другите јавни институции.

„Фондот за медиуми не е само наменет за продукција на проекти од јавен интерес, туку е пошироко и сеопфатно системско решение за сите медиуми, вклучувајќи ги и печатените и новите дигитални изданија, портали и продукции. Вакви фондови постојат секаде во регионот, функционираат по пат на натпревар и учествуваат во домашната продукција на програми,“ се додава во соопштението.

Инаку со укинувањето или промената на членот 102 од Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (ААВМУ), би се овозможило влегување на јавни пари во медиумите.