Македонија АРМ прославува 25 години од формирањето

АРМ прославува 25 години од формирањето

Армијата на Република Македонија денеска ја одбележува 25-годишнината од формирањето. Централната свеченост ќе се одржи на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 19 часот, на која, како што е најавено, ќе говорат претседателот на државата Ѓорге Иванов и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Претседателот Иванов ќе додели одликувања на командата за обука и доктрини, баталјонот за почести и четвртиот механизиран пешадиски баталјон од првата механизирана пешадиска бригада.

На почетокот на свеченоста, на која ќе присуствуваат највисоки претставници од сите државни институции, локални самоуправи, амбасади во Македонија и граѓански здруженија, ќе биде извршена почесна стрелба, со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија.

Во рамките на одбележувањето на 18 Август – Денот на АРМ, денеска на градските гробишта во Бутел во Скопје, повеќе делегации со воени почести ќе положат венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, на гробот на поранешниот претседател Киро Клигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.

На воениот стадион во Градскиот парк во Скопје ќе биде поставена целодневна изложба на борбени средства, техника и воена опрема на АРМ.

На 18 август 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, е формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за прва организирана воена формација на Народно ослободителната војска на Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на Армијата на Република Македонија.