Македонија Апелација им го продолжи куќниот притвор на Камчев, Панделески и Јосифовиќ

Апелација им го продолжи куќниот притвор на Камчев, Панделески и Јосифовиќ

На предлог на Специјалното јавно обвинителство, Апелацискиот суд Скопје им ги продолжи мерките куќен притвор во траење од 30 дена за осомничените Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ во предметот „Империја“.

Од СЈО информираат дека за осомничениот Тодор Мирчевски, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Основен суд Скопје 1 – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителна мерка на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице.

За осомничената Зорица Арсовска, пак, како што е наведено во соопштението, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Кривичниот суд – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителни мерки на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице, забрана за посетување на деловните простории каде што осомничената работи, како и забрана за превземање на определени работни активности од дома, а кои се поврзани со правните лица – предмет на истрагата.

Осомничените во „Империја“ се товарат за злосторничко здружување, оштетување и повластување на доверители, злоупотреба на службената положба, измама и перење пари.

Кривично се гонат вкупно 13 лица, меѓу кои Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.