Македонија Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 27,5 отсто, СДСМ со 25,2 отсто

Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 27,5 отсто, СДСМ со 25,2 отсто

За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,5 отсто од граѓаните, за СДСМ – 25,2 отсто, за ДУИ – 10,5 отсто, за ДПА – 4,8 отсто, а неопределени се 25 отсто од гласачите, покажува новата анкета на агенцијата „Фактор плус Адриа“.

Анкетата била спроведена телефонски, на репрезентативен примерок од 1.150 граѓани во периодот од 15 до 22 март 2016 година.

На прашањето „Дали по Вашето мислење сите партии рамноправно се застапени во медиумите?“, 57 отсто од анкетираните одговориле „не“, 35 отсто одговориле „да“, а 8 отсто одговориле „не знам“.

Подобрувањето на секојдневниот живот, здравството и на борбата против корупцијата и криминалот се темите што, според анкетираните, се најважни за Македонија. На последно место, според истражувањето, се односите меѓу етничките групи.

Членството на Македонија во ЕУ го поддржуваат високи 77 отсто од граѓаните, додека 16 отсто се против.

Според истражувањето, препораките на ЕУ и на САД да се одложат изборите, за 46 отсто од анкетираните се поради поддршка на демократските вредности во Македонија, додека 29 отсто сметаат дека тоа е поради остварување на лични интереси во Македонија.