Македонија Анкета на Институт „Димитрија Чуповски“: Груевски со поддршка од 39,5 отсто, Заев...

Анкета на Институт „Димитрија Чуповски“: Груевски со поддршка од 39,5 отсто, Заев со 7,3 отсто

За ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 39,2 отсто од граѓаните, за СДСМ 14,9 отсто, а неопределени се 29,5 отсто, покажува новата анкета направена од Институтот „Димитрија Чуповски“ спроведена телефонски во периодот од 30 март и 2 април.

На прашањето на кој од македонските политичари му верувате најмногу, 39,5 отсто од анкетираните се одлучиле за Никола Груевски, за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, – 7,3 отсто, за Бранко Црвенковски – 3,6 отсто, а за Стевчо Јакимовски – 2,2 отсто. Високи 27,4 отсто на ова прашање одговориле со „не знам“, а за опцијата „ниту еден“ се одлучиле 15,4 отсто.

„Катица Јанева работи по налог на одредени домашни или странски фактори за да ѝ наштети на ВМРО-ДПМНЕ“, сметаат 60,1 отсто од анкетираните, додека 20,4 отсто сметаат дека „Катица Јанева работи независно и професионално“.

61,2 отсто сметаат дека „Во Mакедонија нема „фантоми“ како што се виде и со проверката на списокот, туку тоа е само изговор за изборните порази на опозицијата“, а 23,1 отсто сметаат дека „постојат многу гласачи „фантоми“ на избирачкиот список со чија помош се нарушува изборниот процес и се местат изборите во корист на власта“.

Притисок за промена на уставното име е крајната цел на САД и на ЕУ во однос на политичката криза во Македонија е ставот на 63,8 од анкетираните, а 22,2 отсто сметаат дека нивната крајна цел е демократизација и владеење на правото.

„Бидејќи целта на анкетата беше да се дознаат перцепциите на граѓаните за двете најголеми партии во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во анкетата не беа вклучени испитаници Албанци, со оглед дека тие генерално гласаат за етничките албански партии. Другите помали етникуми беа дел од анкетата“, велат од институтот.