Македонија „Анима мунди“: Да се затвори стационарот „Вардариште“

„Анима мунди“: Да се затвори стационарот „Вардариште“

Изминува веќе четврта година откако постојано укажуваме дека стационарот „Вардариште“ никако не ги задоволува стандардите за хуман третман на животните и суштински го крши Законот за заштита и благосостојба на животните, реагираат од здружението за заштита на животни „Анима мунди“.

– Ситуацијата особено станува драматична деновиве, во услови кога температурата е под нулата, и кога држењето на животни во стационарот (без греење, на замрзнат бетон, без можност за движење и природно загревање и засолнување) значи без исклучок нивно долготрајно измачување, нивно страдање и бавна смрт што е грубо кршење на законот. Таму воопшто и нема потреба од еутаназија, животните полека, но сигурно умираат сами. Бараме итно стационарот да се затвори – револтирани се од здружението.

Велат дека малите кутриња без исклучок се заразуваат од заразните болести кои владеат во стационарот. Таквата умирачка не е никако брза, туку следи по страшни болки, бавно распаѓање на органите, цревата, честопати задушување.
– Прашуваме зошто воопшто биле заловени кога малите кучиња – бебиња и кутриња до три месеци не можат да се подложат на методот предвиден со програмата на Град Скопје. Имено, тие не можат да бидат стерилизирани. На тој начин стационарот „Вардариште“ (кој е транзитен центар, а не прифатилиште) работи спротивно на програмата на Град Скопје зошто програмата предвидува „залови-стерилизирај и врати“. Произволно се заловуваат и усмртуваат кучиња иако нема показатели дека не се мирни и здрави и за кои постојат големи шанси да бидат вдомени – реагираат од „Анима мунди“.

Здружението поднело пријава до Агенција за храна и ветеринарство и до директорот Зоран Поповски и, како што велат, очекуваат стационарот да се затвори и да остане под катанец сè додека од корен не се смени функционирањето на оваа институција и не се воспостават услови за хумано работење.