Закани за поставени бомби и денеска стасаа на адресите на 20 училишта

Фото: Мета.мк

Нови дојави со закани за поставени бомби пристигнале денеска на електронските адреси на 20 училишта во Скопје и во Куманово, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). Учениците и вработените се евакуирани, а на терен се прават проверки.

„Попладнево е пријавено дека на електронските адреси на 12 училишта во Скопје и 8 во Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници преземени се мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираа во МВР.

Дојави за бомби беа испраќани и вчера, при што како и во сите претходни случаи, и за нив се утврди дека се лажни. Вчера дојава имаше и за училиштето „Св. Наум Охридски“, за која исто така се покажа дека е лажна.

МОН порача пред извесно време дека сите училишта во кои се губи настава заради дојавите, ќе мора да се одработи до крајот на првото полугодие, односно до задутре.

Според календарот за работа и организација на работата на училиштата, мора да се одработат 180 наставни денови, освен за учениците кои се во завршна година и тие треба да одработат 166 наставни денови.