Економија Ангеловска-Бежоска: НБРМ ги следи понудите на банките за промена на условите за...

Ангеловска-Бежоска: НБРМ ги следи понудите на банките за промена на условите за кредитите

Очекуваме да дојде до олеснување на финансиските услови и за граѓаните и за корпоративниот сектор. Токму тоа и беше цел на измените на регулативата за работењето на банките, кои што ги донесовме, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во вчерашното издание на емисијата „Клик плус“ на „ТВ 21“.

„Очекуваме банките активно да ги имплементираат можностите од регулаторните измени. Народната банка ги следи и ги анализира понудите за промена на договорните услови за кредитите, кои што се објавуваат деновиве,“ рече Ангеловска-Бежовска.

Таа повотори дека корона вирусот е голем шок кој што е од неекономска природа, кој може да има големи ефекти врз економијата.

„Имајќи го предвид тоа, реално е да се очекува забавување на кредитната, а следствено и на депозитната активност во претстојниот период од оваа година,“ додаде Ангеловска-Бежовска.

Народната банка, како што беше соопштено и во емисијата, веќе активно работи на новиот циклус макроекономски проекции. Ангеловска-Бежоска кажа дека имајќи ги предвид последните расположливи податоци, но и условите и неизвесноста кои што ги наметнува глобалната корона криза ќе се направи позначајна ревизија на претходните очекувања за економските состојби во оваа година, вклучително и на проекцијата за економски раст.

Како што посочи, според меѓународните финансиски институции, веќе се очекува позначајно забавување и на економската активност во глобални рамки, вклучително и во Европската унија, а со тоа и во германската економија каде што е сконцентриран голем дел од нашиот извоз.