Македонија Ана Павловска Данева нов предлог на СДСМ за уставен судија

Ана Павловска Данева нов предлог на СДСМ за уставен судија

Предлог за уставен судија претходно беше Љубомир Jовески. Вчера СДСМ ја повлече неговата кандидатура, потег кој Јовески го нарече „вулгарен“

Ана Павловска Данева; Фото: Влада на РСМ

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Ана Павловска-Данева е новиот предлог на СДСМ за уставен судија, откако вчера на собраниската Комисија за избори и именувања беше повлечен предлогот поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Предлогот за избор на Павловска Данева за уставен судија е на дневен ред на денешната седница на Комисијата во 12.30 часот.

Павловска Данева е и поранешна пратеничка на СДСМ.

Како што стои во нејзината биографија, таа студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот Државен Универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент. Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година). Таа е и постојан предавач во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Предлог за уставен судија претходно беше Љубомир Jовески. Вчера СДСМ ја повлече неговата кандидатура, објави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.

„Љубомир Јовески повеќе не е им е потребен бидејќи здачата за која беше поставен си ја исполни, а со тоа криминалите на СДСМ и ДУИ 6 години беа заштитени. Неговиот мандат беше проследен со многу скандали, безброј неповедени обвиненија, скриени предмети, смешни и бизарни пресуди, ослободување криминалци и уште многу партиски нарачани одлуки и пресуди. СДСМ веќе нема никаква корист од Љубомир Јовески и исто како и со Катица Јанева и Вилма Русковска се одрекуваа од овој човек за повторно да си ги заштитат партиските интереси“, рече вчера Стојаноска на прес-конференција.

Јовески во изјава за МИА рече дека е изненаден дека предлогот беше повлечен без да се наведат основни причини за тоа.

„Изненадувачки, вулгарно беше тоа дека предлогот е повлечен без да се наведат основни причини за тоа. Пристојно е да се дадат два три збора. Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може процесот до крај да го водат, не требало да ме предлагаат, бидејќи бев изложен на непотребни напади“, изјави Јовески.