Македонија АМСМ: Влажни коловози, наноси од снег и опасност од одрони – возете...

АМСМ: Влажни коловози, наноси од снег и опасност од одрони – возете внимателно

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозите, по интервенцијата на дежурните екипи од „Македонија пат“, а слаб снег провејува во Крива Паланка, Гостивар, Маврово, Кула, на планинскиот превој Стража и на граничниот премин Блаце, информираат од Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).

Од АМСМ известуваат дека од 7.30 часот, сообраќајот на граничниот премин Блаце, кој беше во прекин поради излизгување на товарно моторно возило, е нормализиран.

Забрана за движење на тешки товарни возила и на автобуси има на патниот правец Тетово – Попова Шапка, а за другите возила задолжителна е употреба на зимска опрема.

Поради силен северен ветер на патните правци Штип – Кочани, клучка Штип – Радовиш и Свети Николе – Куманово, наместа има појава на намети од снег на коловозот.

Од АМСМ препорачуваат исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и планирање на патувањето според временските услови. Особено внимание е потребно на делниците што минуваат низ клисурите и низ засеците, како и на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово – Стража, Демир Капија – Удово и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.