Македонија Албанија бара брза истрага за настаните во Куманово

Албанија бара брза истрага за настаните во Куманово

Владата на Албанија ги повика македонските власти на што е можна побрза, целосна и транспарентна истрага во функција на вистината и на стабилноста во Македонија и во регионот.

„Во овие услови, особено е важна заштитата на животот, имотот, слободата и на правата на секој граѓанин на Македонија, независно од етничката припадност. Како никогаш претходно, ова важи за Куманово, каде живее претежно албанско население“, стои во изјавата на албанската влада.

Владата, исто така, изразува жалење за изгубените животи и додава дека не смее да се дозволи кризата во Македонија да се влоши.

„Драматичниот развој на последните неколку дена во Куманово го загрози нормалниот живот и меѓуетничките односи, кои и понатаму се кревки поради нецелосното спроведување на Охридскиот договор“, се наведува во соопштението.