Македонија Активисти на ЛГБТ-заедницата протестираа пред зградата на Јавното обвинителство

Активисти на ЛГБТ-заедницата протестираа пред зградата на Јавното обвинителство

Од обвинителството велат дека се врши препознавање за да се утврди идентитетот на учесниците во инцидентот

Со молк и со транспаренти со натпис „Истрагата е во тек…до кога!?“, граѓански активисти денеска протестираа пред зградата на Основото јавно обвинителство во врска со нападот на кафе-барот „Дамар“ и побараа поголема ажурност од надлежните институции во расветлувањето на инцидентот.

Тие на влезната врата на обвинителството залепија фотографии од инцидентот, а во знак на протест и незадоволство од начинот на кој јавното обивнителство ја води истрагата, петнаесетина минути го блокираа влезот во зградата.

Од невладиниот сектор најавија дека повеќе нема да даваат изјави за медиумите за овој проблем, а за сите прашања упатуваат одговори да се бараат од надлежните институции.

Од обвинителството велат дека во моментот не се во можност да даваат повеќе информации за инцидентот затоа што во тек се истражни дејства.

Осуда и загриженост за сè уште нерасчистениот случај, во кој цел на напаѓачите беа припадници на ЛГБТ-заедницата, присутните на денешниот протест изразија и до дипломатскиот кор во земјава.

Инцидентот во Старата скопска чаршија се случи пред две недели, кога триесетина насилници, маскирани со качулки на главите, ги нападнаа присутните во кафе-барот „Дамар“, каде се одбележуваше двегодишнината од отворањето на ЛГБТ-ценатрот за поддршка. Во инцидентот, двајца од присутните гости беа потешко повредени.