Македонија АХВ: Во Црна Гора не пристигнало старо замрзнато месо

АХВ: Во Црна Гора не пристигнало старо замрзнато месо

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Поповски, по телефонски контакт со црногорските ветеринарни власти, попладнево добил официјална потврда дека во Црна Гора, преку пристаништето во Бар, во изминатава недела воопшто не е извршен увоз на свинско месо за кое во одредени медиуми од регионов се шпекулираше дека е од резервите на НАТО и дека е постаро од триесетина години.

АХВ, како што соопшти попладнево, ги засили инспекциските контроли на граничните премини и во прометот пред добивањето на официјалната потврда за наводно увезеното замрзнато месо.

Претходно во текот на денов, Агенцијата за храна апелираше до медиумите и до граѓаните да не создаваат непотребна паника дека месо од ваквата пратка ќе дојде до македонскиот пазар.

„Месото, подготовките и преработките од месо кои се продаваат во Македонија се безбедни, без оглед дали станува збор за производи од домашно производство или од увоз. Увозот се врши исклучиво од одобрени земји и објекти, задолжително проследени со ветеринарно-здравствен сертификат кој ја гарантира безбедноста на пратката, а инспекциските служби на граничните премини вршат задолжителна контрола. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките, а при сомнеж се земаат и мостри за лабораториско испитување. За ваквите пратки не се дозволува увоз во земјава. Тие се ставаат под надзор додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува нивната безбедност“, велат од АХВ.

Агенцијата воедно апелира, граѓаните и операторите со храна, доколку имаат сознанија дека небезбедно месо или кој било друг производ се наоѓа на домашниот пазар, да го пријават писмено или лично во АХВ, како и на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22 или на електронската адреса info@fva.gov.mk.