Македонија Ахмети: Важно е резултатот од изборите да биде прифатен од сите учесници

Ахмети: Важно е резултатот од изборите да биде прифатен од сите учесници

Ставот на ДУИ е дека изборите минале во мирна, фер и демократска атмосфера, истакна на прес-конференцијата по завршувањето на изборите портпаролот на централниот изборен штаб на ДУИ, Арбер Адеми.

– ДУИ смета дека денешните локални избори поминаа во мирна, фер, коректна и демократска атмосфера. Граѓаните докажаа дека се за НАТО и за ЕУ, како и за силни и развиени општини. Сите учесници во денешниот изборен процес го дадоа својот придонес тој да биде изведен според европските стандарди – рече Адеми во партиското седиште во Тетово.

Според проценките на централниот изборен штаб на ДУИ, кандидатите на таа партија се најголеми фаворити за убедлива победа секаде каде што имаат поднесено кандидатури за локалните избори.

Претходно, откако го оствари своето гласачко право во селото Зајас, изјава за медиумите даде и лидерот на партијата, Али Алхмети. Тој посочи дека сите што ќе бидат избрани на овие локални избори ќе треба да работат во интерес на граѓаните.

– Многу е важно резултатот да биде прифатен од сите учесници во избирачкиот процес. Притоа, сите што ќе бидат избрани ќе треба да работат во интерес на граѓаните за да се створат услови за економски и политички просперитет на општеството – додаде Ахмети.