Македонија Ахмети ѝ се заблагодарил на американската администрација во Скопје и во Вашингтон

Ахмети ѝ се заблагодарил на американската администрација во Скопје и во Вашингтон

САД биле и ќе останат партнер на Албанците, на нашата земја и на регионот, затоа и нашата соработка со американските власти во Македонија и во САД ќе продолжи бидејќи беше плодна за сите, вели Али Ахмети, лидерот на ДУИ, по средбата со делегација на Атлантскиот совет од Вашингтон.

Во соопштението објавено на веб-страницата на ДУИ се вели дека темата на средбата била интеграцијата на Македонија во НАТО. Лидерот на ДУИ се заблагодарил на американската администрација во Вашингтон, како и на Амбасадата на САД во Скопје и ја нагласил улогата на тесната соработка за заедничката цел – демократско општество.

„Ја изразив мојата длабока благодарност за сите наши пријатели во меѓународната заедница, а особено ја истакнав големата и безрезервна поддршка за американската администрација во Скопје и во Вашингтон нагласувајќи ја клучната улога и нашата искрена и тесна соработка кон остварување на заедничката цел, демократско општество интегрирано во вредностите на евроатланската заедница“, рекол Ахмети, според соопштението на ДУИ.

Делегација на Атлантскиот совет од Вашингтон е во посета на регионот заради развивање на стратегија за решавање на заедничките предизвици кои ја отежнуваат евроатлантската интеграција и севкупниот просперитет.