Македонија 500 јавувања во ЦУК за пријава на штети од земјотресите

500 јавувања во ЦУК за пријава на штети од земјотресите

Околу 500 граѓани деновиве пријавиле штети на објекти по серијата земјотреси што се случија во Скопскиот Регион. Пријавите кои во најголем дел се однесуваат на разурнати фасади, оштетени покриви, скршени прозорци, паднати плафони и оштетени возила, граѓаните ги пријавиле во Центарот за управување со кризи.

Штетите на објектите може да се пријават на бесплатниот телефонски број за итни повици 195, а ако граѓаните не можат да добијат слободна линија од Центарот апелираат да испратат податоци, име, презиме, телефонски број за контакт, точна адреса и краток опис на штетата предизвикана од земјотресот, на mail@cuk.gov.mk.

Од ЦУК информираат дека по синоќешниот земјотрес во 19.53 часот со магнитуда од 4 степени според Рихтеровата скала, освен привремени прекини на снабдувањето со електрична енергија во одредени делови на градот, не се пријавени позначителни штети.