Македонија Груевски: Специјален обвинител мора да се избере

Груевски: Специјален обвинител мора да се избере

„Договорот од 2 јуни, како и протоколот од 15 јули, мора целосно и да се спроведат и да завршат со парламентарни избори на 24 април идната година, по кои никој нема да може да има алиби и да не ги признава резултатите. Доста ѝ е на Македонија од бојкоти и од политичари кои немаат доблест да излезат пред нивната партија и пред народот и да признаат пораз“. Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски во своето обраќање по повод Денот на независноста, додавајќи дека реформите што ги договориле партиите мора да ги завршат навреме и квалитетно.

– Државата со нив треба да се придвижи напред и да воведе повисоки стандарди во различни области. Договорот за избор на специјален јавен обвинител треба да се реализира онака како што е договорен, без додавање или одземање. Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број стручни и технички соработници, истражители и целокупната потребна логистика од човечки ресурси, средства за покривање на трошоците и техничка логистика, во смисла на канцеларии, возила и слично. Тој не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа, ниту, пак, под внатрешни или надворешни влијанија. Треба чесно да си ја изработи својата работа и да донесе непристрасни одлуки – истакна премиерот.