Дописници Самостојна изложба на Стефан Хаџи-Николов на „Охридско лето“

Самостојна изложба на Стефан Хаџи-Николов на „Охридско лето“

Како дел од официјалната програма на фестивалот „Охридско лето“, синоќа во Куќата на Робевци во Охрид, беше отворена 60. самостојна изложба на познатиот сликар Стефан Хаџи-Николов, под наслов „Светлина од минатото“. Изложени се триесетината слики работени во техника масло на платно.

Никола Николовски, историчар на уметност и кустос во Заводот за заштита на спомениците и музеј во Охрид, го претстави Стефан Хаџи-Николов како автор кој има оставено посебен печат врз уметноста во Република Македонија во последните три децении.

– Со неговиот особен талент и со неговиот прекрасен пристап кон уметноста, како и преку неговите изложби се има наметнато како на македонската публика, така и на публиката во околните земји – рече Николовски.

Уметникот Хаџи-Николов истакна дека Охрид за него како уметник значи многу. Затоа и одлучил својата 60. самостојна изложба да ја организира токму таму.

– Охрид, по Скопје, е град каде што најмногу сум изложувал. Мојата прва изложба во Охрид беше во 1988 година. Во 2000 година изложував во Куќата на Уранија, во 2009 и во 2015 година во Куќата на Робевци. Се обидов да донесам дела што сум ги работел последните неколку години и кои не се изложувани никогаш во Охрид, а повеќето од нив ниту во која било галерија. Оваа изложба е, всушност, пресек на моето повеќедецениско творештво – рече уметникот Хаџи-Николов.