Главна секција Јавните собири да се откажат до 6 март, спортските натпревари да се...

Јавните собири да се откажат до 6 март, спортските натпревари да се играат без публика

Владата донесе заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до 6 март.

Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп и сите слични.

Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика.

Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации.

„На оваа своја седница Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања. Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб. Како еден од заклучоците на оваа седница е и одлуката да се воспостави соработка со „Црвен Крст“ и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција,“ се вели во соопштението на Влада.