Македонија Жерновски: Власта се борела за Центар поради личниот интерес на Груевски

Жерновски: Власта се борела за Центар поради личниот интерес на Груевски

Власта со сите сили се бореше за Центар поради личниот интерес на премиерот Никола Груевски, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

– Сето она што го говорев во предизборниот период и откако сум избран за градоначалник е вистина! Со ова се покажа дека демонстрациите и дивеењата во јуни 2013 година, на таканаречените „верници“ и на непостојната невладина организација „Веритас“, биле организирани и нарачани и дека воопшто не се работеше за одбрана на црквата, туку за одбрана на личниот интерес, како што се виде, на самиот премиер – рече Жерновски.

Жерновски додаде дека сега е јасно зошто се усвоени двата детални урбанистички планови што беа изгласани со ист број гласови „за“ и „против“.

– Тоа е невидено во демократски држави и затоа одлуката ја обжаливме на Уставен суд. За жал, уставните судии не покренаа иницијатива за уставноста и за законитоста, освен судијата Наташа Дамјановска-Габер, која имаше свое издвоено мислење – изјави Жерновски.