Македонија Зарко Милошевски е нов директор на Агенција за национална безбедност, соопшти Владата

Зарко Милошевски е нов директор на Агенција за национална безбедност, соопшти Владата

Фото: Влада на РСМ

На денешната владина седница, е одлучено Зарко Милошевски да биде назначен за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Како што соопштуваат во Владата, Милошевски на позицијата директор доаѓа од позиција на помошник директор на одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ, каде што има и претходно повеќегодишно искуство во раководење, организирање и координирање на одделот.

„Тој има искуство и во организирање и раководење со ресурсите на организационата единица за заштита на уставното уредување и спротивставување на тероризмот“, наведено е во владиното соопштение.

Во него стои дека Милошевски е посветен, доверлив и долгогодишен професионалец кој својата кариера во безбедносните служби ја започнува во 1997 година во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР, а неговата експертиза оттогаш до денес, кога е во Агенцијата за национална безбедност е во полето на спротивставувањето на насилен екстремизам, заштитата на уставното уредување како и во полето на спротивставувањето со тероризмот.

Од Владата информираат дека Милошевски своето професионално доусовршување го спроведува од 1999 година до денес преку учество на повеќе домашни обуки организирани и имплементирани од страна на Единицата за специјални задачи при МВР и Бирото за јавна безбедност при МВР, како и на повеќе обуки во странство организирани и имплементирани од страна на Стејт департментот на САД, Министерството за правда на САД, Министерството за одбрана на САД, Федералното биро за истраги на САД, Дипломатската безбедносна служба на САД, како и Канадската безбедносна и разузнавачка служба.