Македонија Започна реконструкцијата на улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров

Започна реконструкцијата на улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров

Реконструкцијата на улицата Борис Сарафов ќе ја опфати трасата на потегот од крстосницата со улицата Македонска Војска до крстосницата со улицата Кузман Шапкарев, со вкупна должина од околу 1.700 метри

Izvor na fotografija: Grad Skopje

Градот Скопје денеска ја започна реконструкцијата на улицата Борис Сарафов во населбата Ѓорче Петров. Со проектот се предвидува отстранување на оштетениот коловоз и поставување на нов асфалт (АБ 11), со дебелина од 5 сантиметри, на површина од 18.000 квадратни метри. Воедно, со зафатот ќе се постави нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа на дел од оваа сообраќајница.

Реконструкцијата на улицата Борис Сарафов ќе ја опфати трасата на потегот од крстосницата со улицата Македонска Војска до крстосницата со улицата Кузман Шапкарев, со вкупна должина од околу 1.700 метри. На потегот од крстосницата со улицата Македонска Војска до крстосницата со улицата Сремски фронт, Градот Скопје ќе постави сосема нова водоводна, фекална и атмосферска канализација.

Како што информираат градските власти, работите на терен ќе ги изведува компанија Жикол, а рокот за изведба е 90 дена. За реализација на овој проект Градот Скопје ќе потроши 36,6 милиони денари.