Македонија Законите за ОТА и за МВР одложени за в четврток, по обраќањето...

Законите за ОТА и за МВР одложени за в четврток, по обраќањето на Столтенберг

Пакетот закони за реформа на системот за следење на комуникациите и за контрола врз полицијата предложени од Министерството за внатрешни работи не беа разгледани на денешната седница, бидејќи немаше претставник од МВР што ќе ги образложи.

Предлог-законот за изменување на Законот за полиција, со кој се предвидуваат ограничување на мерките на присилба што може да ги употребат припадниците на полицијата, како и уште еден предлог-закон за полицијата и предлог-законот за изменување и дополнување на законот за внатрешни работи, кои предвидуваат надворешни механизми за контрола на работата на полицијата, ќе почекаат до четврток, за кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, го најави продолжението.

По обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Собранието в четврток, пратениците ќе ја продолжат седницата на која на дневниот ред ќе се најдат и Предлог на закон за формирање Оперативно-техничка агенција и предлог-законот за следење на комуникациите.

Од групата реформски закони за следењето на комуникациите, денеска на комисиска расправа беше испратен само предлог-измените на Законот за класифицирани информации, кој го образложи министерката за одбрана и вицепремиер, Радмила Шекеринска.

– Повеќепати повторуваме дека мора да направиме сè за да не се повторат злоупотребите – рече Шекеринска.

Таа рече дека новиот предлог-закон овозможува побрза безбедносна проверка и на пратениците од двете собраниски комисии што ќе ги следат безбедносните и разузнавачките служби, како и брза проверка на лицата што ќе работат во новата Оперативно-техничка агенција. Според законското решение, тие проверки ќе траат најмногу еден месец, за разлика од досега, кога се развлекуваа на многу подолг период и се блокираше работата на собраниските комисии.

– Со овие измени овозможуваме Собранието да си ја извршува надзорната улога – вели Шекеринска.