Македонија Загрижува отсуството на истражувачки стории во традиционалните медиуми

Загрижува отсуството на истражувачки стории во традиционалните медиуми

Отсуството на истражувачките и аналитичките текстови кај традиционалните медиуми во Македонија и натаму е загрижувачко, иако во 2017 година во однос на 2016 година состојбата е нешто подобрена.

Ова е главниот заклучок што произлезе по истражувањето направено врз 10 традиционални медиуми во земјата од страна на Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфоцентар, а поддржано од Европската Унија.

Подобрувањето е минимално во вкупниот процент. Минатата година истото истражување покажа дека бројот на аналитичките и истражувачките стории изнесува 5 отсто од вкупниот број новинарски производи во мониторираните медиуми, додека годинава тој процент е зголемен на 8,8 отсто.

Бројот на исклучиво истражувачки стории, иако се зголемил за двојно, и натаму е под 1 отсто.

Лани изнесувал 0,4 осто, годинава 0,8 отсто.

Тоа практично значи дека на 1.000 објавени новинарски стории во традиционалните медиуми има само 8 што може да се класифицираат како истражувачки.

Во исто време, констатирано е и зголемување на бројот на текстовите во кои не е консултирана засегнатата страна. Ако во 2016 година тоа се случувало во 45 отсто од текстовите, годинава тој квантум е пораснат за 10 отсто и изнесува 55 проценти. Загрижувачки е и бројот на проверка на фактите преку консултирање со извори.

Во 40 отсто од текстовите новинарите консултирале само еден извор, во 32 отсто се потпреле на два извора, а само во 25 отсто случаи новинарите користеле повеќе извори.

Мониторингот е извршен на три пати по една недела во текот на март, април и мај 2017 година врз 3.065 новинарски материјали во 10 традиционални медиуми кои се сметаат за релевантни, т.е. се со различна сопственичка и уредничка припадност: „Македонската телевизија 1“, „Алсат-М“, „Сител“, „Телма“ и регионалната „Тера“, потоа дневните весници „Слободен Печат“, „Дневник“ и „Коха“ и неделниците „Фокус“ и „Капитал“.