Дописници Загадената Битола остана без Програма за заштита на животната средина и природа

Загадената Битола остана без Програма за заштита на животната средина и природа

Битола која е една од најжешките еколошки точки во Македонија и по пет месеци од почетокот на годината се уште нема донесено Програма за заштита на животната средина и природа.

Ваквите програми се донесуваат на почетокот од годината се со цел да влезат во буџетот за идната година, а со тоа и да се обезбедат финансии кои ќе овозможат нивно реализирање.

Советникот од СДСМ, Благојче Котевски вели дека, ако се погледне буџетот и неговата расходна страна тогаш може да се види дека во него нема средства за еколошки проекти, туку како и секоја година така и за 2016 година може да се прочита дека општината „планира“ да вложи скоро 280.000 евра за изградба, реконструкција и одржување на пречистителни станици.

– Имајќи предвид дека веќе сме на крајот од првата половина од годината, а до крајот на градежната сезона има уште неколку месеци, очигледно е дека и оваа година предвидените пари за оваа ставка се само бројка во буџетот на општината – реагира Котевски.

Опозицијата наведува дека пречистителните станици беа дел од ветувањата во изборната Програма на ВМРО- ДПМНЕ за период од 2009-2013 година. Во истата таа програма, изградбата на пречистителните станици е процената на 23 милиони евра.

– Општина Битола во секој свој буџет предвидува околу 250.000 евра за изградба и така осум години или осум буџети по ред, без притоа да се инвестира ниту еден денар. Сега се поставува повторно прашањето: „Дали општина Битола оваа година ќе има Програма за заштита на животната средина и природа и ако има дали таа програма ќе може воопшто да се примени? -забележува Котевски.

Дека Битола со месеци се гуши во сопствената смрдеа во прилог се и годишните извештаи на Министерството за животна средина, кои покажуваат дека градот на годишно ниво во просек има 100-150 дена кога е регистрирано високо присуство на честички ПМ10, а дозволени се надминувања на границите во само 35 дена.