Македонија Заев: Целосното вклучување на Ромите е единствен пат до успех

Заев: Целосното вклучување на Ромите е единствен пат до успех

Фото: Борче Поповски

За нас, за оваа Влада на Република Северна Македонија, целите на Првиот Светски конгрес на Ромите, како и на Европската Платформа за вклученост на Ромите не се само обврска. Тие се искрена желба и посветеност да градиме инклузивно општество во кое никој, ниту еден, нема да биде запоставен. Еднакви права и достоинствен живот за сите е единствениот пат до успешна, заедничка Република Северна Македонија, дом за сите, интегрирана во Европската унија, истакна премиерот Зоран Заев, говорејќи на настанот „Предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија“, организиран од здружението на граѓани „Ромаверзитас“ и Ромскиот образовен фонд (РЕФ), по повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.

На настанот што се одржа во Собранието, се обратија и шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар и извршниот директор на Ромскиот образовен Фонд (РЕФ), Надир Реџепи.

Меѓународниот ден на Ромите официјално е прогласен во 1990 година Светскиот на конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. На конгресот претставници на Роми од 14 држави донесоа одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром како единствено прифатлива етничка одредница.