Македонија Заев и Шекеринска во Виена се сретнале со Ханес Свобода

Заев и Шекеринска во Виена се сретнале со Ханес Свобода

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателката Радмила Шекеринска, во Виена се сретнал со Ханес Свобода, претседател на Меѓународниот институт за мир, член на одборот на Форумот за меѓународен дијалог „Бруно Крајски“ и поранешен координатор на пратеничката група на социјалдемократите во Европскиот парламент.

Тие изразиле заедничка согласност дека мора да организираат и да спроведат регуларни предвремени парламентарни избори на 11 декември, за потребата од функционирање на правото и правната држава, како и за итна потреба од враќање на земјата на демократскиот пат преку избор на легитимна Влада.

– Имаме готови планови, што ќе направиме во првите шест месеци и во следните две години. Ќе го подигнеме стандардот на граѓаните и ќе овозможиме развој на домашните претпријатија и истовремено ќе го демократизираме општеството. Се обврзуваме на целосно спроведување на реформските приоритети од извештајот на Прибе – соопшти Заев.

Вечерва во 19 часот, во Форумот за меѓународен дијалог „Бруно Крајски“, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ќе одржи предавање на тема „Македонија на крстосница“.