Македонија Заев: Го победивме режимот со пенкало, победи животот!

Заев: Го победивме режимот со пенкало, победи животот!

„Режимот падна. Нека разбере целиот свет – Македонија испиша светска историја, падна режим со пенкало, со глас“, им рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на граѓаните пред Владата.

– Добровечер Македонијо моја, добровечер победници. Ова денеска што го направи Македонија, ќе се пишува во историја. Почитувани граѓани, во моментов опозицијата предводена од СДСМ заедно со граѓаните има еден мандат повеќе. Ги чекаме резултатите, но водиме со еден мандат повеќе. Но, почитувани граѓани, радувајте се, славете го животот. Режимот падна. Нека разбере целиот свет – Македонија испиша светска историја, падна режим со пенкало, со глас. Бидете среќни и горди. Ќе имате што да им кажете и на децата и на внуците. Јас се гордеам со вас. Македонија е среќна земја. Падна режим, победи животот. Покажавме дека со многу трпение и посветеност, Македонија ќе биде напредна, ќе биде слободна, единствена и сплотена земја. Овде пред оваа Влада, исправен пред вас правам длабок поклон затоа што Македонија ве има, се изборивте – рече Заев.

Симпатизерите на опозицијата пред неколку часа од седиштето на партијата се упатија на прослава пред Влада каде се појави и носителот на листата на СДСМ во првата изборна изборната единица, Стево Пендаровски, кого граѓаните громогласно го поздравија.