Македонија Заев ги слушна проблемите на лицата со инвалидитет во Битола

Заев ги слушна проблемите на лицата со инвалидитет во Битола

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, оствари средбa со лицата со инвалидитет и со родители на деца со посебни потреби од Битола.

– За специјалните чевли што ги носат лицата со инвалидност треба да се доплати, но скапи се. Овие луѓе велат дека законските измени не го решиле проблемот на 80 проценти од инвалидизираните лица, кои живеат со мала социјална помош. Се пожалија дека многу тешко стигнуваат до инвалидска пензија – се вели во соопштението на СДСМ.

Слепите лица посочиле дека треба да се официјализира Брајовото писмо, да го има на секој лек, на прехрамбените производи, на банкоматите.

– Лицата со инвалидитет и со посебни потреби наведуваат дека државата ја потпишала меѓународната конвенција што треба да ги обезбеди нивните права. Таа е само делумно преточена во законски решенија, но и тие не се почитуваат. Меѓу загрижувачките тенденции се наведува доцнењето на исплатата на придонесите. Поради ова, во тек се масовни отпуштања. Само во Битола последниов период се отпуштени околу 30 лица со инвалидитет – се додава во соопштението.

Од Здружението на глуви се пожалиле на неквалитетните апарати за слушање, бидејќи подобрите се плаќале.

– Ова се секојдневни потреби. Државата е должна да обезбеди достоинствен живот за своите граѓани. За СДСМ, клучни во политиките ќе бидат интересите на граѓаните – вети претседателот Заев.

На Широк сокак, лидерот на опозицијата се сретнал со битолскиот еснаф и со младите. Дуќанџиите се пожалиле на намалениот промет, а младите посочиле дека нивните сограѓани заминуваат во странство.