Високи 75 отсто од младите во земјава живеат заедно со своите родители [Инфографик]

Фото: Scott Web / Unsplash

Република Северна Македонија е меѓу првите земји во Европа каде процентот на млади од 18 до 34 години што живеат заедно со своите родители е загрижувачки голем.

Според податоците произведени од Европската Комисија, Македонија се искачува на четвртото место на листата европски земји веднаш по Црна Гора, Хрватска и Албанија.

Речиси и нема промена во бројките од 2011 до 2020 година.

„Цените за закуп се високи за младите, како дополнение на тоа што цените за купопродажба се многу зголемени во последните години и сѐ уште бележат раст. За разлика од младите во главниот град, за оние од внатрешноста единствен начин да обезбедат самостојно домување е факултет или работа во друг град или партнерување, но генерално многу малку се оние кои живеат сами. За студентите е поважно да се има кров над глава отколку да се внимава на квалитет, а младите во руралните средини не се чувствуваат доволно спремни и сигурни да живеат одделно“, се дел од заклучоците што ги испитува најновото истражување на Организацијата за домување и станари во соработка со Цивика Мобилитас – „Младите лица и домувањето“.

Во Законот за социјална заштита од 2009 година е прецизирано дека Министерството за труд и социјална политика нуди паричен надоместок за домување на само две ризични групи и тоа: корисник на гарантирана минимална помош и лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, односно и по престанување на старателството, а најмногу до 26 годишна возраст.

За младите лица кои не припаѓаат во ниту една од двете групи и не се стремат да бидат корисници на постојана парична помош, како што се студентите, лицата од маргинализирани заедници (ЛГБТИ, ромска популација, лица со хендикеп) во Македонија не следува никаква опција за некаков вид на општествено или отворено домување доколку се решат да го напуштат родителскиот дом.

Различни групи млади се соочуваат со различна стигма

Освен живеење во студентски домови или станови под закуп со повеќе цимери, за студентите не постои друга можност за домување за време на студиите. Исто така, голем дел од нив, по завршувањето на факултетот се враќаат да живеат со своите родители, а треба да се истакне и дека сè додека живеат во заедничко семејство, младите не може да донесуваат самостојни одлуки.

Согласно податоците до кои успеале да дојдат истражувачите на Цивика Мобилитас, студентите кои живеат во домовите се многу малку активни во граѓанските организации, додека оние што се, речиси и да не се запознаени со Законот за домување.

Граѓанските и студентските организации признаваат дека не се спроведуваат многу разговори на овие теми, но за тоа велат дека е потребно некој да ги насочи и поддржи, бидејќи станува збор за важно егзистенцијално прашање за кое тие како млади немаат многу искуствено знаење.

„Од денот кога разговаравме со истражувачкиот тим, па до денес нема никаква промена во ситуацијата. Како студентска организација сметаме дека е потребно некој поискусен во оваа област да нѐ запознае и упати кон Законот за домување, бидјеќи домувањето на младите е прашање што бара посебно внимание“, изјави за Мета Ева Цветковска, претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

Мислењето на студентката го делат и од организацијата за станари и домување од каде препорачуваат дека треба да се работи на партиципативни процеси преку кои ќе се развијат локални информативни служби за домување и локални шеми, за да им се помогне на младите да добијат пристап до домување.

Потребно е да се направи и краток и лесно разбирлив прирачник поврзан со правата на домување и закуп, во кој најмногу да се посвети внимание на правата на закупецот“, вели за Мета, Маја Сталеска, претседателка на ОДС – организација за домување и станари.

Иако младите во Република Северна Македонија може да се идентификуваат како ранлива група поради проблемите што ги предизвикува сиромаштијата и високата стапка на невработеност како и долгорочната невработеност, домувањето кај младите Роми е еден од најголемите проблеми кој се пренесува интергенерациски и бара посебно внимание.

Кога се работи на поправање на лошите услови со кои се соочуваат младите Роми, кои најчесто се дел од многудетно семејство, се појавуваат други предизвици, како што е недостатокот на здравствено осигурување или услови за школување.

Во последниве години е актуелно и легализирањето на домови во нелегални населби, подобрувањето на инфраструктурата и градењето или реновирањето на куќи со помош на странски фондови за ромското население, за кое, за жал, како што се нагласува и во истражувањето, не постои друг начин на обнова.

Лицата со хендикеп се соочуваат со проблем на пристапноста во социјалните станови

Сите станови што ги гради државата и ги нуди како опции за социјално домување се целосно непристапни и не ги задоволуваат стандардите за пристапност, што е голем проблем за лицата со било каков хендикеп.

Всушност, станува збор за забележително отсуство на можности и модели за домување за млади кои во одреден момент, иако со постојано работно место, може да останат без живеалиште поради различни причини, како напуштање на домот на родителите или старателите против нивна волја. Освен проектот „Купи куќа, купи стан“, каде лице без постојано живеалиште, а со месечни приходи помали од 900 евра може да подигне кредит за купување на стан или изградба на куќа со понудени поволни услови од државата, не постојат други вакви можности.

„Потребно е да се рaботи на развој на инклузивни модели за домување врз основа на фактички состојби базирани на позитивни практики и интернационални искуства кои ќе нудат не само опции на социјално домување или редовно домување, туку модели кои ќе овозможуваат одговор на социо-економските состојби во кои се наоѓаат граѓаните или нивна моментална (краткротрајна) состојба на социјален ризик“, нагласува Сталеска.

Таа посочува дека е важно да се изврши мобилизирање на младинските организации и да се организира застапување за значајно вклучување на младите при обликувањето на политиките кои се однесуваат на домувањето, но и дека треба да се направи квалитетна анализа за поврзаноста на политиките за вработување и можностите за домување.

„Пред сѐ треба да се работи на партиципативни процеси преку кои ќе се развијат локални информативни служби за домување и локални шеми за да им се помогне на младите да добијат пристап за домувње, бидејќи Неопходно е да се подигне знаењето кај младите за домувањето, правата и можностите поврзани со него“, забележува Сталеска.