Македонија За три дена издадени 1.853 потврди за барање азил

За три дена издадени 1.853 потврди за барање азил

Изминативе три дена, врз основа на измените и на дополнувањето на Законот за азил и привремена заштита, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало нови 1.853 потврди за искажана намера за поднесување барање за азил во Македонија на странски државјани кои илегално влегле на територијата на земјата, соопшти МВР.

Според МВР, од донесувањето на Законот заклучно со денеска до 8 часот, потврди биле издадени на вкупно 20.605 странски државјани, од кои најголемиот дел се со потекло од Сирија, односно 15.290 лица, а другите се државјани на Авганистан, Ирак, Пакистан, Сомалија, Палестина, Конго и на Камерун.

„Од почнувањето на издавањето на потврдите до 27 јули 2015 година, до одделението за азил се поднесени 41 барање за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 31 барања се од државјани на Сирија, од кои 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и од Ирак и едно барање од државјанин на Египет“, соопштуваат од МВР.

Во Прифатниот центар за баратели на азил до денеска биле регистирани 22 лица, од кои 13 се мажи, две жени, а седум се малолетни лица.