Македонија За 24 часа издадени потврди на 3.062 мигранти

За 24 часа издадени потврди на 3.062 мигранти

Во изминатите 24 часа, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало потврди за искажана намера за барање азил на вкупно 3.062 мигранти. Според државјанството, најголем број од мигрантите, односно 1.931, се со потекло од Сирија, 664 се од Авганистан, а 467 лица се од Ирак.

Од 1 јануари до вчера, МВР издало потврди на вкупно 27.180 странски државјани, додека од 19 јуни минатата година, кога стапија на сила измените на Законот за азил и привремена заштита и почна издавањето на потврдите, заклучно со вчерашниот ден, низ земјава поминале вкупно 415.413 мигранти, на кои им биле издадени вакви документи.

Во текот на вчерашниот ден, според МВР, до Секторот за азил не биле поднесени нови барања за признавање на правото на азил врз основа на претходно издадена потврда.