Македонија Возовите не сообраќаат поради штрајк на машиновозачите, се превезуваат само мигранти

Возовите не сообраќаат поради штрајк на машиновозачите, се превезуваат само мигранти

Од вчера напладне, откако машиновозачите ги бојкотираат работните задачи, незадоволни од доцнењето во исплатата на платите, патничкиот и товарниот железнички сообраќај во Македонија и понатаму е во прекин.

Од Железничката станица во Скопје потврдуват дека не сообраќа ниту еден воз, а според дел од синдикатите во „МЖ Транспорт“, пак, пуштени се само три воза за транспорт на мигранти.

Според Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСМПМ), бојкотот е поради доцнењето на исплатата на платите, материјалните трошоци и на здравственото осигурување за јули и за август, за што бараат средба со премиерот Никола Груевски, бидејќи не се задоволни од досегашните разговори со раководството на „МЖ Транспорт“ и со претставниците на ресорното министерство.