Македонија Во Собранието нема поместување од репликите и од процедуралните ровови

Во Собранието нема поместување од репликите и од процедуралните ровови

Работата на Собранието по паузата за ручек денеска беше реприза на тоа што се случуваше во изминатите 11 дена на продолженијата на конститутивната седница, а ист беше и епилогот – без какво било поместување, а со многу обвинувања и со директни навреди.

Пратениците од СДСМ се јавуваа, главно, со процедурални забелешки, но многу помалку од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои имаа реплики и контрареплики, најмногу едни на други. Притоа, повторно од говорницата се зборуваше за платформата на албанските партии како „уцена што СДСМ морал да ја прифати за да дојде на власт“, а беа упатувани и обвинувања за „продавање на државата“, „соработка со агентури“ на сметка на СДСМ.

На ваквите обвинувања за збор во форма на процедурална забелешка се јави Радмила Шекеринска, која покажа документ, како што рече, на Владата, од кој „се гледа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ прифатила сè за што сега има обвинувања“.

– Еве ја фактурата: нов закон за јазиците, сеопфатна дебата за националните симболи и сето тоа заедно со измени на преамбулата, се дел од профактурата што ни ја остави ВМРО-ДПМНЕ. Таа ја платија грѓаните и во пари и во политички последици. Владата плати 200.000 евра од народот за ова. Сето што го дискутирате, сето го пишува во овој документ со потпис и со печат на Владата и уште е достапен – рече таа.

На тоа одговори Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека тоа што Шекеринска го покажува е изработено од Секретаријатот за рамковен договор и никогаш не било дискутирано на седница на Влада, ниту било изгласано.

И Шекеринска и Фросина Ташевска-Ременски во попладневната сесија бараа претседавачот на седницата да го стави на дневен ред за гласање предлогот на СДСМ наместо за третата точка, да се дискутира за четвртата точка, избор на претседател на Собранието. Но, тоа и овојпат не се случи.

Седницата беше прекината од претседавачот Трајко Вељаноски во 18 часот. Тој го закажа следното продолжение за утре во 11 часот.