Македонија Во Шуто Оризари од денеска ќе има гинеколог

Во Шуто Оризари од денеска ќе има гинеколог

Во Шуто Оризари, почнувајќи од денеска, ќе работи гинеколошка ординација.

Министерството за здравство информира дека гинеколошката ординација ќе работи трипати неделно, односно секој понеделник, среда и петок, во периодот од 8:30 до 14:30 часот.

„Во овие термини во ординацијата ќе работи медицински тим од доктор и од медицинска сестра. Кадарот е ангажиран од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, каде веќе е подготвен распоред за обезбедување здравствена заштита во гинеколошката ординација во Шуто Оризари. Станува збор за привремено решение за обезбедување гинеколошка здравствена заштита до завршување на огласот и почнување со работа на матичен гинеколог. Инаку, огласот за изразување интерес за матичен гинеколог во општина Шуто Оризари (како и во општина Ново Село) е објавен на 4 ноември, а рокот за пријавување е заклучно со 18 ноември. За избранитe матични гинеколози во овие две општини предвидена е дополнителна финансиска стимулација од 15.000 денари месечно за период од две години, обезбедена од Министерството за здравство од превентивните програми“, соопштуваат министерството.