Свет Во офанзивата во Мосул се убиени 900 припадници на ИД

Во офанзивата во Мосул се убиени 900 припадници на ИД

Американски генерал соопшти дека меѓу 800 и 900 припадници на Исламска држава се убиени по 17 октомври, од почетокот на копнената офанзива на ирачките сили за преземање на џихадистичкото упориште Мосул.

– Проценуваме дека ирачките сили усмртиле околу 800 до 900 борци на ИД за време на операциите во изминатата недела и пол – рече генерал Џозеф Вотел.

Генералот, кој е на чело на Командниот центар на американската војска за Блискиот Исток, Северна Африка и за Средна Азија, рече дека курдските борци продираат кон Мосул од повеќе насоки и напредуваат релативно брзо.

Офанзивата, која почна пред десетина дена, е во фаза на ослободување на населбите околу Мосул, вториот град по големина во Ирак, и веројатно уште долго ќе потрае, рече Вотел.

Според американските процени, во Мосул има меѓу 3.500 и 5.000 борци на ИД, а уште 2.000 би можеле да се наоѓаат во поширокото подрачје на градот.