Дописници Во Боговиње протест против одлуката со водоводот да управува Општината

Во Боговиње протест против одлуката со водоводот да управува Општината

Жителите од Боговиње четврти пат се собраа пред општинската зграда протестирајќи против одлуката со водоводот да стопанисуваат општинските власти. Велат дека нема да дозволат водоводот да премине во рацете на локалната самоуправа затоа што бил изграден со самопридонес на жителите, кои успешно менаџираат со водоводот повеќе од две децении.

– За да го изградиме тој водовод, ние сме ја продале сета стока, сега сака некој сосила да ни го земе. Нема да дозволиме. Додека се градел тој водовод, загина и едно лице. И жртва падна. Како што се жртвувавме да го изградиме, така ќе се жртвуваме и да не го дадеме – изјави Џезми Рамадани, жител на Боговиње.

Со селскиот водовод управува месната заедница. Оттаму велат дека формирале фирма, која би управувала со водоводниот систем.

– Фирма формиравме за да управува со водоводот. Но, за да почне со работа, треба да добие амин од градоначалникот на општината, Хазби Идризи. Тој не сака да оствари средба со нас – вели Ведит Садики, член на месната заедница на Боговиње.

Градоначалникот Идризи вели дека локалната власт нема да се откаже од намерата да управува со водоводниот систем во Боговиње. Според него, барањата на дел од жителите упатени на неколкуте протести што се одржаа во Боговиње, со водата и понатаму да менаџира локалното население се неосновани. Законот како, што рече Идризи, налага со јавните добра да управуваат општините.