Македонија Внатрешната контрола ќе го испитува случајот со невестата со пушка вработена во...

Внатрешната контрола ќе го испитува случајот со невестата со пушка вработена во МВР

Секторот за внатрешна контрола ќе го испитува случајот со секретарката на началникот на униформираната полиција на СВР Битола, за која денеска СДСМ обвини дека пукала со пушка на својата свадба, потврди за „Мета“ портпаролката на битолската полиција, Сања Стаматова.

– Пред извесно време ја видовме фотографијата и внатрешната контрола го презеде случајот. Тие ќе одлучат што понатаму – ни изјави Стаматова.

Потпретседателот на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Дарко Каевски, денеска на прес-конференција објави фотографии од невеста со автоматска пушка, за која тврди дека е нововработената секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола, Марија Ристовска-Калешовска, како пука на својата свадба.

– Ќе беше спорно за која било невеста да се весели на сопствената свадба со пушка. Но, овде уште станува збор за вработена во СВР Битола! Од оваа фотографија може да се види дека Марија Ристовска-Калешковска, по потекло од селото Долно Српци, Битолско, не само што се фотографирала со пушка, туку со помош на татко ѝ, таа на веселбата и рафално пука – рече Каевски.

Тој посочи дека, според нивните информации, станува збор за формациско оружје на полицијата и на војската, за кое граѓаните не можат да добијат дозвола за поседување и за носење.