Македонија ВМРО-ДПМНЕ три дена молчи за тоа колку чини новиот партиски имот на...

ВМРО-ДПМНЕ три дена молчи за тоа колку чини новиот партиски имот на Широк сокак

Разгранокот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во Битола три дена молчи во врска со прашањето колкав имот купи во градот и колку пари плати за него. Од ова лето партијата на власт во Битола е сместена во нови простории, сопственост на партијата.

Советниците од опозициската Либерaл-демократска партија од Битола денска на прес-конференција вторпат јавно го поставија прашањето до општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ транспарентно да одговори пред битолчани од каде ѝ се парите на партијата да купува имот.

– Дали имотот што го купивте во Битола е поголем од 300 квадратни метри, а голем број битолчани немаат каде да живеат, дали за овој имот плативте повеќе од 300.000 евра, а битолчани осиромашуваат. И, на крај, кои се спонзорите што ви дадоа пари за да го купите овој имот – рече Александар Касапов, претседател на општинската организација на ЛДП.

Опозиционерите сметаат дека партијата не е фирма, акционерско друштво или, пак, профитна организација, па да купува партиски имот. Кога ЛДП првпат го постави прашањето за вредноста на новите простории на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, оттаму одговорија дека имотот е стекнат по легален пат, но повторно не ја открија сумата колку чини.

– Опозицијата мисли дека ако стопати повтори една иста конструкција, на тој начин ќе ја претвори во вистина. Затоа ВМРО-ДПМНЕ стоти пат ќе им одговори дека целокупниот имот, вклучително и зградата на новото седиште на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола е стекнат по легален пат, во согласност со законските нормативи, по пат на членарина и донации во еден крајно транспарентен процес – рече Валентина Маркоска, портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола.