Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Судот е директен учесник во продлабочувањето на кризата поттикната од власта

ВМРО-ДПМНЕ: Судот е директен учесник во продлабочувањето на кризата поттикната од власта

Дурловски, Илиевски, Јовановски, Дамовски, Чавков, пратениците и сите останати кои се неправедно притворени за настаните од 27 април, се терористи колку што се терористи македонските иселеници кои вчера протестираа низ Европа и светот, повторно реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за продолжувањето на притворите на осомничените за минатогодишните насилства во Собранието.

Од партијата велат дека Македонија е узурпирана држава каде е укинато владеењето на правото и каде невини луѓе, без никаква правна основа, политички се држат во притвор, додека „владините претставници лицитираат со македонската историја и иднина“.

„Органите на прогонот се користат за монтирање на судски случаи и пресметка со сопствените граѓани кои мислат поинаку од власта. Судот е најдиректен и најодговорен учесник во продлабочување на кризата која е поттикната од катастрофалните политики од страна на владата на СДСМ. Судот има обврска да ја гарантира законитоста и да биде чувар на демократијата. Токму затоа треба итно и неодложно да ги пушти од притвор Чавков, Дамовски, Илиевски, Јовановски и останатите чија единствена вина е љубовта кон државата“, стои во соопштението.