Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски да каже како Заев ги прибавил прислушуваните разговори

ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски да каже како Заев ги прибавил прислушуваните разговори

Стево Пендаровски да каже како Зоран Заев ги прибавил аудиоснимките од прислушуваните разговори, со која странска служба соработувал и да објасни што странските тајни служби очекуваат за возврат, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Пендаровски дека цели три години пред да стане кандидат за претседател на Македонија, бил незаконски прислушуван.

„Сценариото на СДСМ е очигледно и тие се разобличени, па оттука мораат да продолжат со вакви паради само за да го прикријат скандалот во кој се заплеткаа Зоран Заев и партиското раководство. Јавноста веќе оправдано се прашува како може цела опозиција да тврди дека е прислушувана, а да не излезе во јавност ниеден нивен разговор. Кого го потценува СДСМ? На изборите изгубија со повеќе од 200.000 разлика и граѓаните јасно се определија за концептот базиран на работа и на проекти, наместо за деструктивната политика на СДСМ за креирање кризи и за држење во заложништво на граѓаните и на државата. На крајот на краиштата, јавноста ги виде и анкетите што Спасов им ги дал, во кои јасно се гледа дека Пендаровски губи од Иванов. Ова е проѕирен обид за алиби за нивниот неуспех. Пендаровски очигледно ја научил добро школата на Бранко Црвенковски, полна со интриги, во која еден од професорите сигурно беше и Зоран Верушевски“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.